in ,

Сончевата енергија е бесплатна, искористете ја и заштедете

Македонија има одличен потенцијал за искористување на сонцето

Сончевата енергија е бесплатна, обновлива, сигурна и еколошка, а нашето поднебје ја има во изобилство. Со околу 260 сончеви денови и над 2.300 сончеви часови годишно, Македонија е меѓу земјите со најповолни услови за производство на соларна енергија во Европа и има одличен потенцијал за искористување на сонцето. Во продолжение следуваат неколку препораки како ова огромно природно богатство може едоставно да го искористи секое домаќинство.

Соларните колектори се најисплатливо решение за добивање на топла санитарна вода. Ваквите системи го трансформираат сончевото зрачење во топлинска енергија и произведуваат топла вода без употреба на електрична енергија. Важно е да се напомене дека колекторите ја апсорбираат и дифузната сончева светлина, така што функционираат дури и во облачни денови, иако со помала ефикасност. После првичната инвестиција за нивна набавка и монтажа, одржувањето е многу ефтино, а голем број соларни системи доаѓаат дури и со 10 годишна гаранција. Вложувањето во сончеви колектори во просек се враќа за 5 до 6 години – потоа станувате корисник на практично бесплатна енергија.

Дополнителена поволност при вложување во соларни колектори се државните субвенции кои ви стојат на располагање и со кои може уште повеќе да се скрати времето на поврат на инвестицијата. Со проектот на Министерството за економија, кој започна уште во 2007 година, досега вкупно се субвенционирани над 3.000 домаќинства. Државата на граѓаните им надоместува до 30% од трошоците направени за купување и вградување на колекторите, при што вкупната субвенција не може да надмине повеќе од 300 евра во денарска противвредност. Право да аплицираат имаат сите кои досега немаат добиено државна субвенција за оваа намена.

  Енергетски штедлива зграда (E-книга)

Постојат најразлични модели на сончеви колектори, но најкористени кај нас и пошироко се колекторите со вакуумски цевки и рамните колектори. Главната предност на вакуумскиот колектор во однос на рамниот колектор е во тоа што вакуумскиот колектор има поголема ефикасност, особено во есенскиот и зимскиот период, и на таков начин овозможува поголема искористеност во текот на целата година. За овој тип колектори, од исклучителна важност е дебелината на надворешната стаклена цевка да биде најмалку 2 милиметри, за да не дојде до оштетување при екстремен град.

Рамните колектори се постара, но докажана технологија. Во случаи кадешто од било кои причини е потребно дозагревање на водата, лесно можат да се искомбинираат со бојлер бидејќи догревањето со струја во систем со рамни колектори функционира исто како кај класичен бојлер. Освен тоа, одлично се вклопуваат со пумпните системи (многу поголема контрола над максималните и минималните температури и функции како што се заштита од замрзнување и прегревање), но има и такви кои се добро прилагодени на поедноставните термосифонски системи. Кога естетскиот момент е важен, изборот исто така најчесто паѓа на рамни колектори и пумпен систем.

Доколку сè уште не сте сигурни дали ваква инвестиција ви е потребна, размислете за сметките за струја кои во изминатите години имаа само нагорен тренд. Соларните системи овозможуваат квалитетно и сигурно искористување на најголемиот бесплатен извор на енергија кој ни стои на располагање на сите нас – сонцето. Финансиските бенефити од соларните колектори ќе бидат уште поголеми ако топлата вода што ја произведуваат се користи и за загревање на домот, односно ако колекторите се интегрираат со системите на централно греење со подно и ѕидно загревање.

  Разладете го домот со помали сметки

Потребите за топла вода во едно домаќинство се клучни при димензионирањето на сончевиот систем за загревање на санитарна вода и сите негови компоненти. Тие зависат од бројот на членови на семејстовото и од нивните навики. На пример, за четиричлено семејство, кое има потреба од 160 литри топла вода во текот на денот со температура од 45 степени целзиусови, се препорачува колекторска површина помеѓу 3,2 и 4,8 метри квадратни (во зависност од типот на колекторите) и капацитет на резервоарот помеѓу 120 и 200 литри. Богатата понуда на пазарот и модуларноста на ваквите системи овозможува нивно лесно димензионирање за сечии потреби. Дизајнот на колекторите исто така овозможува голема флексибилност во конфигурирање на колекторското поле.

Нешто на што треба особено да внимание е доколку колекторите ги поставиме еден врз друг, да се осигураме дека нема меѓусебно да се засенуваат во периодот помеѓу 9 часот наутро и 3 часот попладне. Парцијално засенување, поради мали објекти, како антени, некоја мала гранка или слично, не е од големо значење. Исто така треба многу да се внимава на изолацијата на системот. Сите цевки треба да бидат добро изолирани за да се спречат топлинските загуби на флуидот во „сончевиот круг“ и при транспортот на топлата вода до корисникот. Се препорачува дебелината на изолацијата на цевките да биде еднаква со нивниот дијаметар.

Инвестирајте паметно, заштедете долгорочно. Користете го изобилството бесплатна енергија со помош на соларните колектори и значително намалете ги сметките за струја. Богата понуда на различни системи за сечии потреби, со попусти и до 10%, можете да погледнете ТУКА.

Како да ја реновирате бањата

Како поедноставно да го избереме вистинскиот клима уред што ни е потребен!