Koга повеќе нема да можеме да спиеме во ноќта поради големата топлина, тогаш најчесто донесуваме одлука за купување на климатизер. Но тогаш се појавуваат проблемите од типот, кој климатизер да се купи. Имајќи во предвид дека постојат голем број произведители на клима уреди, модели и типови, ќе пробаме да ги објасниме основните карактеристики на кои би требало да се обрне внимание, при изборот на климатизер.
Како да го одредиме капацитетот на потребниот клима уред?
- Најчесто поставувано прашање е која би била идеалната моќност или капацитетот на клима уред за да ги задоволи потребите за ладење или греење на одредена квадратура.
Едни од поважните фактори кои влијаат на изборот се: местоположбата на просторијата во однос на страните на светот, изолираноста на објектот, бројот на стаклени површини, времето на изложеност на директно сончево зрачење, бројот на луѓето што ќе престојуваат во таа просторија , поставеноста на просториите, бројот на елементите кои зрачат топлина итн.
Покрај основните фактори кои обавезно треба да ги имаме во предвид, најлесно е да го користиме методот по кој зададената квадратура на просторијата која сакаме да ја ладиме или грееме ќе ја поделимe со 10.
На пример доколку имаме просторија од 35 метри квадратни, ја делиме површината со 10 , при што се добива 3,5.или преведено – потребен ќе ни биде клима уред со моќност од 3,5 KW. Тука треба да се внимава на височината на просторијата, да не е премногу висока со што пресметката не би била точна.
- Основната намена на клима уредот е ладење, греење, но и филтрирање на воздухот. Затоа покрај капацитетот , треба да се внимава и на квалитетот на филтерот кај секоj клима уред.Така доколку климата се поставува во некоја одделна просторија каде што е потребно само ладење и греење без некоја специфична филтрација на воздухот, нема потреба од дополнителни филтри. Но доколку климата се поставува во некоја ординација, каде секојдневно влегуваат болни луѓе, потребен е клима уред со антибактериски филтер, кој имаат можност да ги отстрануваат непожелните бактерии, вируси , алергени . Ако пак клима уредот се поставува во просторија каде има пушачи, потребен е климатизер со филтер кој ќе го прочистува воздухот од дим и други непријатни мириси.
- Можностите на климатизерите што се произведуваат денеска се многубројни и се разликувааат од производител до производител, со различна цена која најчесто е и еден од поважните фактори при изборот. Попознат производител во превод значи дека климата има и многу повеќе можности и подобри перформанси.Како потврда на сите декларирани сојства и услови предложени од производителот , добро би било секој купувач да провери дали избраниот клима уред го содржи знакот за ЕУРОВЕНТ сертификат, како доказ за декларираниот квалитет.