,

Препораки за безбедна употреба на мелатонин како додаток на исхрана во третман на метаболички синдром

suplementi-dna-anni-farm-apteka suplementi-dna-anni-farm-apteka

Метаболички синдром се дефинира како збир на повеќе патолошки состојби и вклучува: хипертензија, хипергликемија, обезност, зголемен процент на масно ткиво околу половината и дислипидемија. Сите овие заболувања претставуваат ризик фактори за кардиоваскуларни заболувања, атеросклероза, дијабетес тип 2 и бубрежна болест. Најчесто, оваа состојба е асимптоматска, но постојната хипергликемија може да се манифестира со жед, често уринирање, замаглен вид и замор. Метаболичкиот синдром се нарекува уште и синдром на инсулинска резистентност и бележи висока стапка на преваленца, односно 41% кај мажи и 38% кај жени во Европа. Основната патофизиологија ги вклучува токму инсулинската резистентност што е поврзана со последична нарушена липолиза и акумулација на масни киселини, а дополнително на тоа постои и оксидативен стрес и хронична инфламација.

Луѓето сè почесто се осврнуваат на комплементарната и алтернативната медицина за да си го подобрат своето здравје и да ги решат специфичните здравствени проблеми. А, токму за решавање на системската инфламација се употребува и мелатонинот којшто има антиоксидативно и антиинфламаторно дејство.

Антиинфламаторниот ефект на мелатонин е потврден со студијата публикувана во списанието Inflammopharmacology. Спроведената систематска мета анализа го демонстрира антиинфламаторниот и антиоксидативниот ефект на мелатонин и неговите метаболити што се должи на следните дејства: чистење на слободни радикали со специфичен афинитет за хидроксил и перокси радикалите, стимулација на гените промотори на антиоксидативни ензими, намалување на нивоата на С- реактивен протеин и интерлеукин- 6. Овој ефект е демонстриран при употреба на 10mg дневно, во времетраење на студиите повеќе од 8 недели. Мелатонин нема ефект врз тумор некротизирачки фактор α.

Мелатонин (N-acetyl-5-methoxy tryptamine) е хормон продуциран во епифизата кај луѓето и животните. Неговата основна функција во организмот е регулацција на деноноќниот ритам („биолошки часовник“). Нивоата на мелатонин се зголемуваат во текот на ноќта, а се намалуваат во текот на денот. Се претпоставува дека луѓето што имаат несоница имаат ниски нивоа на мелатонин во организмот. И според тоа, најширока употреба, мелатонинот има токму како адаптогено средство во надминување на несоница и стрес. А, од неодамна употребата на мелатонин е проширена и во комплементарниот третман на: Алцхајмерова болест, мигрена и други невролошки здравствени нарушувања.

Мелатонинот генерално се смета за безбеден при перорална употреба во подолг период кај возрасни. Но, неговата употреба е поврзана со ризик од несакани настани: главоболка, краткотрајни депресивни чувства, поспаност во текот на денот, вртоглавица, стомачни грчеви и иритабилност.

Специфични мерки на претпазливост при употребата на мелатонин

Мелатонинот предизвикува поспаност и влијае врз способноста за возење и ракување со машини, и затоа не треба да се вози или ракува со машини 4-5 часа после примена.

Додатоци на исхрана што содржат мелатонин не смее да се употребуваат во текот на бременоста и доењето, бидејќи нема доволно податоци за неговата безбедност кај бремени жени и жени кои дојат. Познато е дека мелатонинот потенцијално влијае врз овулацијата кај жените и оттука придонесува за потешкотии при забременувањето.

Не е безбедна повеќекратната употреба на мелатонин кај деца во краток период, а бидејќи има ефект и врз други хормони може да интерферира со развојот во текот на адолесценцијата.

Мелатонинот стапува во лек-болест интеракции и не смее да се употребува при следните конкомитентни болести:

  • Не смее да се употребува кога постои дијагноза за болест проследена со абнормално крварење бидејќи дополнително ја влошува здравствената состојба.
  • Ги влошува симптомите на депресија.
  • Предизвикува хипергликемија кај пациенти со дијабетес.
  • Влијае на крвниот притисок и предизвикува хипертензја кај пациенти што веќе употребуваат антихипертензивни лекови за контрола на крвниот притисок.
  • Го зголемува ризикот од конвулзии.

Мелатонин влегува во многубројни интеракции со лекови во различен степен.

Мелатонин влегува во најзначајна интеракција со седативи и хипнотици и според тоа не смее да се зема во комбинација со овие лекови бидејќи го потенцира нивниот ефект (клоназепам, лоразепам, фенобарбитал, золпидем и сл.).

Мелатонин влегува во умерени интеракции со следните лекови, па затоа треба внимателно да се следи нивната комбинирана употреба:

  • Контрацептивите ја зголемуваат продукцијата на мелатонин во организмот.
  • Кофеинот го намалува нивото на мелатонин во организмот и ја намалува неговата ефективност.
  • Флувоксамин (селективен инхибитор на репреземањето на серотонин) ја зголемува апсорпцијата на мелатонин во организмот и последично неговите несакани ефекти.
  • Мелатонин го зголемува нивото на гликоза во организмот и со тоа ја намалува ефективноста на оралните антидијабетици и инсулин.
  • Мелатонинот ја зајакнува функцијата на имуниот систем и како резултат на тоа го намалува ефектот на имуносупресивите (азатиоприн, циклоспорин, кортикостероиди и сл.).
  • Ја забавува коагулацијата на крвта и го потенцира ризикот од крварење доколку се употребува заедно со антикоагуланси и антиагрегациски лекови.
  • Мелатонин го намалува ефектот на нифедипин (блокатор на калциумови канали) и доведува до хипертензија.
  • Верапамил (блокатор на калциумови канали) ја зголемува елиминацијата на мелатонин од организмот и го намалува неговиот ефект.

Мелатонин влегува во минорна интеракција со флумазенил (селективен антагонист на бензодијазепински рецептори). Овој лек го намалува ефектот на мелатонин на нејасен начин.

Мелатонин е формулиран како додаток на исхрана за перорална употреба и е лесно достапен во јавните аптеки. Додатоците на исхрана, генерално се сметаат за безбедни и се широко употребувани помеѓу луѓето. И токму затоа, фармацевтите во аптеките треба да дадат соодветно и исцрпно упатство за употреба и ги посочат сите мерки на претпазливост, контраиндикации и несакани настани поврзани со нивната употреба. Севкупно, сите овие податоци посочуваат на фактот дека безбедноста на мелатонинот во третман на метаболички синдром е ограничена.

За повеќе совети обратете се во аптеките на ДНА АННИ ФАРМ-BETTY АПТЕКА.

Јунска акција на Daikin инвертер клима уреди во Паксон

suplementi-dna-anni-farm-apteka suplementi-dna-anni-farm-apteka

Препораки за безбедна употреба на мелатонин како додаток на исхрана во третман на метаболички синдром