Како да изберете месо
Најтешкиот дел е изборот на месото. Тука многу може да ви помогнат продавачите во месарниците. Кажете дека планирате да правите скара, и тие ќе ви предложат какво месо да купите. Но ако не им верувате на месарите и сакате изборот да го направите сами, тогаш идеални за скара се: ќебапите, плескавици, колбасите, свинската кременадла, пилешките гради, но и рибата. Поскапа варијанта е телешки бифтек. Овој вид месо многу лесно се подготвува, бидејќи не бара и многу печење. Општо познато е дека добро зготвен бифтек секогаш е полужив. Неговиот вкус може да се збогати ако го обвиткате со тенка лента од сланина.
Пилешко на скара
Ако се определите за пилешко месо, најдобро е тоа да е маринирано. Маринадата, која се состои од масло, сол, лук, босилек, рузмарин и од црн пипер, можете да ја подготвите и сами, но планирајте дека месото во неа ќе треба да отстои неколку часа, а уште подобро цела ноќ. Вака подготвеното пилешко и по печењето останува сочно. Се пече на тивок оган и повремено се залева со малку масло.
Свинско на скара
Еден од можеби најдобрите избори за на скара е свинското месо. Кога барате свинско за на скара, гледајте месото да е прошарано со бел дел. Белиот дел е чиста маснотија која ќе се растопи при печењето, и месото ќе го направи сочно, без да го маринирате притоа или да му додавате други зачини. Доволно е само да го посолите. При изборот на свинско за на скара нема да згрешите ако купите свински ребренца, врат или кременадла. Ако сакате побогат вкус, тогаш и свинското, како и пилешкото месо, може да го маринирате со лук, босилек, рузмарин, црн пипер и со сол.
Риба на скара
Иако кај нас не е толку популарна подготовката на риба на скара, ова е многу вкусна варијанта за лицата што сакаат да вкусат нешто ново. Се подготвува најлесно од сè друго, а најтешкиот дел е нејзиното чистење. Откако ќе ја исчистите (а може да побарате тоа да го сторат при купување во рибарница), рибата треба само да ја ставите на решетката. Ја печете од едната страна, сè додека не се одлепи сама. Потоа ја превртувате рибата од другата страна и ја повторувате постапката.
Колбаси на ловечки начин
За да ги испечете колбасите на ловечки начин, воопшто и не ви е потребна скара. Сè што ви треба се оган и долги тенки гранки кои со нож ќе ги направите шилести. На заострениот дел ќе ги набодете колбасите и неколку минути ќе ги печете на силен оган.
Ќебапи и плескавици
Ќебапчињата, плескавиците и колбасите најдобро е да ги купите веќе подготвени од месарница. Месарите ќебапите и плескавиците ги прават од смеса од неколку видови мелено месо. Тие ја знаат точната количина и, најчесто се многу вкусни. Но ако сакате да вкусите нешто ново, тогаш ви предлагаме неколку рецепти за подготовка на ќебапчиња и плескавици за на скара.
Рецепт за плескавици
1 кг јунешко месо
200 грама свинско месо
20 грама сол
100 грама презла
100 милилитри млака вода
лажичка сода бикарбона
лажичка зачин, црвен и црн пипер
Сите состојки се ставаат во длабок сад и се замесуваат со рака, сè додека добро не се соединат. Смесата се остава да отстои еден час. Во меѓувреме, целофан и најлон се премачкуваат со масло. Од смесата се прават топчиња. Топчињата се редат на целофанот и се покриваат со најлонот. Потоа со тенџере се притискаат, сè додека не се добие дебелина од 1 сантиметар. Вака подготвените плескавици се печат на загреана скара.
Рецепт за ќебапи
500 грама јунешка плешка
500 грама говедски врат
100 грама пафлак
20 грама сол
Целото месо се сечка на коцки од околу 5 сантиметри, се посолува и се остава да отстои во фрижидер најмалку 5 часа. Потоа сè крупно се меле, повторно се меша, и се враќа во фрижидер уште 12 часа. Откако ќе отстои, уште еднаш се меле, но поситно. Од сомелената смеса се формираат ќебапите, кои се печат на скара која тлее.
Истата смеса може да се искористи и за правење плескавици. Но пред да се обликуваат, во неа се додаваат ситно сечкан кромид, буковец и црн пипер. Може дури и да се стави многу ситно исечкана зелена пиперка.
Маринираното месо не е канцерогено
Најдобар начин да се спречи настанување на канцерогени состојки во месото е тоа да се маринира. Со помош на маринадата, која е составена од ароматични билки, научно е докажано дека исчезнуваат хетероцикличните амини, познати под кратенката (ХЦА). Овие штетни состојки може се развиваат во месото како реакција на креатининот и аминокиселините, во моментот кога тоа се изложува на висока температура при печење на скара. Затоа при подготвување скара, не заборавајте ги ароматичните билки, па дури, ако треба, создадете маринада по ваш вкус.
Нема заминување од излет додека не се изгаси огнот
Противпожарните бригади апелираат до излетниците да не си заминуваат од местото каде што правеле скара, сè додека стопроцентно не се уверат дека огнот е целосно изгасен. Гасењето може да се направи со затрупување на огништето со земја или со полевање со вода. Излетниците мора да бидат внимателни, велат пожарникарите, бидејќи и најмало жарче може да предизвика огромен пожар ако времето е ветровито. Исто така, посебно треба да се внимава при изборот на местото каде што се пали огнот. Скари не треба да се разгоруваат на места каде што стои забрана за палење оган, длабоко во шума или на места каде што има сува трева и гранки.
Маринади:
Универзална маринада
Се мешаат сол со масло, ситно сечкан магдонос, лук, малку црн пипер и рузмарин. Со оваа смеса се премачкува секое парче месо (кременадла, вешалица, раженичиња, бифтек, рамстек). Се остава да стои со маринадата час до два пред печењето.
Маринада со бело вино
На две чешниња ситно исечкан лук, се додаваат две чаши бело вино, половина чаша масло, 2 иситнети лаврови листа, мала лажичка кечап и малку црн пипер. Со оваа маринада треба да се премачка месото и да отстои барем два часа пред печењето.
Маринада за речна риба
Половина чаша масло се меша со сок од 1 лимон, малку зачин и магдонос и мајчина душичка. Рибата се прелева со маринадата и се остава да отстои најмалку еден час пред печењето.
Се за вашата највкусна скара можете да купите на следниот линк.
Погледнете ги советите во видеото подолу
Извор : Вест