Покрај мекиот кревет, убавата храна, пријатната облека, добриот автомобил, има една компонента во нашиот дом која е многу поважна и на која треба посебно да се внимава, доколку сакаме да се чувствуваме удобно и економски комфорно.
Како ќе се греееме во зима и како ќе се ладиме на лето во просториите во кои престојуваме?
Енергетски ефикасното градење на нови објекти како и санација на постоечките згради со зголемувањето на цената на енергенсите постојано е актуелна тема. Греењето и ладењето на објектот од овој аспект без разлика на неговата големина и намена игра многу важна улога. Но, каков тип на греење ни е потребен, за да добиеме топлина која ќе биде пријатна и економична? Како истиот систем да го искористиме и за ладење летно време? За да можеме правилно да одговориме на погоре поставените прашања треба најпрво да ги објасниме различните видови на греење. Притоа под различни видови на греење не се мисли на изворот на енергија туку на начинот на пренесување на топлина во просторот кој сакаме да го грееме. Без разлика на изборот на видливи или невидливи грејни тела, во грејната техника постојат два основни начина за пренесување на топлина (греење) и тоа:
– по пат на конвекција (загревање на воздухот кој понатаму треба да ја пренесе топлината)
– по пат на топлинско зрачење (директно греење)
Основната разлика помеѓу двата начина на греење е распределбата на топлина низ воздушните слоеви во греениот простор што битно влијае на крајниот ефект и чувство на загреаност и удобност. Идеалната распределба ни ја опишува распределбата на температура во просторот која природно и медицински на најдобар начин ги задоволува потребите на човековиот организам. За правилно функционирање на организмот потребно е нозете да бидат на повисока температура од 20оЦ, појасот на 20оЦ, додека главата на пониска температура од 20оЦ.Системите кои греат по пат на конвекција го прават токму спротивното. Тие го загреваат воздухот во просторијата и тоа почнувајки од горните слоеви па надолу. Како краен ефект главата и дишните органи се изложени на повисока температура од 20ОЦ додека нозете остануваат ладни и тоа на температура не повисока од 16оЦ. Јасно е дека чувството на загреаност е само привидно. Како класичен претставник на оваа група системи е радијаторското греење. Во оваа група понатаму спаѓаат и: фенкојлерите, каналните и сплит системи, термо печките, разните греалки, фенови и сл. Со еден збор сѐ што грее воздух.
Класичен претставник на системите кои греат по пат на зрачење е подното или површинско греење. Овој вид на греење ја загрева на ниска температура целата површина на подот која понатаму директно ги загрева/зрачи телата во греениот простор. Температурната распределба во просторијата во услови на загревање со подно греење е најблиска до идеалната. Нозете (нашите природни топлотни сензори) се пријатно загреани додека воздухот во погорните слоеви не е оптеретен со висока температура. “Топли нозе – бистра глава“. Ова овозможува целосно пријатно и медицински оправдано чувство на престој во просторијата.
Подното греење ја загрева рамномерно целата површина на подот и тоа на незначително повисока температура од онаа што е предвидена за просторијата. Температурата на воздухот е еднаква во сите делови од просторијата и не постојат услови за движење на воздухот и прашината. Ова е од особена важност за луѓето подложни на алергија од прашина. Нискотемпературниот режим на работа на подното греење овозможува да воздухот остане подолго време свеж со што потребата за вентилација (луфтирање) се намалува за 2 до 3 пати. Удобноста е загарантирана 24 часа, како во просторот за престој така и во спалната соба. Фреските на ѕидовите во културно-историските споменици како и изложените дела во музеите кои не смеат да бидат изложени на воздушни бранови со променлива температура и влажност не губат од својата вредност односно не стареат.
Потрошувачка на енергија
Но не само удобноста и квалитетот на живеење. На изборот на систем за греење битно влијае и потрошувачката на енергија. Во услови на сѐ повисока цена на енергијата оваа тема станува сѐ поактуелна дури и во многу побогати држави од нашата. Подното греење е едно од решенијата кое битно влијае на намалување на потрошувачката на енергија. Постигнување на угодно чувство на загреаност при уште 1 до 2оЦ пониска температура е само еден од факторите што влијаат на заштедата на енергијата. Тоа овозможува годишна заштеда на енергија од 3 до 6%. Искуствата од пракса покажуваат дека со правилно проектирање и експлоатација заштедата може да достигне и 30%. Нискотемпературниот режим на работа од друга страна го прави подното греење идеално за примена на алтернативни извори на енергија како што се сончевата и енергијата на тлото или т.н.геотермија.
Еден систем за греење и ладење
Како врвен специјалист во својата област РЕХАУ има целосни системски решенија за греење и ладење по пат на зрачење. Ова се таканаречените со еден збор „Површински ситеми за греење/ладење“, каде покрај подното, во оваа група припаѓаат и системите за таванско и ѕидно греење/ладење. Овие системи со дополнително вградена разладна машина и соодветна автоматика можат во текот на летото да послужат и како идеални системи за ладење. Спротивно на класичните клима системи кои го ладат само воздухот во просторијата, површинските системи за греење/ладење ја одземаат топлината од големите и во текот на летото загреани бетонски површини и не дозволуваат таа да се пренесе во внатрешноста на објектот. Температурата на воздухот во објектот е насекаде рамномерна и секогаш за неколку степени целзиусови пониска од надворешната. Со тоа се избегнуваат штетните последици од температурните шокови кои настануват како резултат на неконтролирано ладење на воздухот или неурамнотежената амбиентална температура во различни делови од објектот. Отсуството на присилено движење на воздухот, ладни воздушни бранови и бучава односно вибрации настанати при работење на класичните разладни уреди обезбедува мир и пријатност во нашиот амбиент. Чувството на “нежна“ разладеност е исто како во внатрешноста на некои културно-историски споменици, верски објекти или подземни простории. При тоа инвестиционите трошоци се намалени.
Во делот на енергетската ефикасност посебно значајно за нашиот регион е да се нагласи и количеството на потрошена енергија за ладење на објектите во текот на летото која има значаен удел во вкупно потрошената годишна енергија за греење и ладење. Површинските системи заради високата работна температура на медиумот во услови на ладење се идеални за примена на алтернативни извори на енергија. Комбинацијата на површински системи со геотермални пумпи од типот земја-вода (со геотермални сонди) или вода-вода (со бунарска вода) овозможува да во најголем дел од летнит период објектот се лади со минимална (приближно нула) потрошена енергија. Овој начин на ладење е познат како „Пасивно ладење“ или „Free cooling”.
Архитектонска оправданост
Површинските системи за греење/ладење се физички интегрирани во самиот под/ѕид/таван и се целосно невидливи со што се апсолутно архитектонски оправдани. Просторот не е оптеретен со видливи грејни или разладни тела и нема потреба од дополнителен простор за инсталации неопходни за нивно поврзување. Архитектот односно инвеститорот имаат целосна слобода за дизајнирање на ентериерот.