in

Светско а наше – Уметникот кој со своите дела и изуми му пркоси на загадувањето во Скопје

Вистински уметник е оној кој раѓа и креира нова реалност – Платон

Решенијата на големите проблеми не се прават преку политички одлуки и пропаганда , туку со паметни и иновативни решенија за остварување на целта (решение на проблемот).

Периодов се изначитавме се  и сешто , но никаде не сретнав едно единствено конкретно решение кое од микро ниво фамилија, фирма може да се мултиплицира и да направи значителна разлика во намалувањето на загадувањето.

Поразителни јавни политики

Фактите поразително говорат дека дури 40% од луѓето, кои се лекувани во амбулантите, имале заболувања на респираторниот и на циркулаторниот систем, а 55% од децата до шестгодишна возраст страдаат од болести на белите дробови и на дишните патишта а Светската банка проценува дека загадениот воздух во земјава годишно убива по 1.350 луѓе и ја чини економијата по 253.000.000 евра.

Само во 2012 година од воспаленија на дишните патишта, оштетувања на белите дробови, кашлици, нерегуларно дишење, астма, нарушена работа на срцето и други болести се лекувале повеќе од 70.000 луѓе кои поминале вкупно 529.773 денови во амбулантите низ земјава, голем дел од нив во главниот град

Според  националниот  инвентар на емисии, секторот греење во домаќинствата  е   главен   извор  на емисии на суспендирани честички и полициклични ароматични  јаглеводороди,  две од најкритичните загадувачки супстанци во воздухот во земјава. Поради дифузијата на овие загадувачки  супстанци,   уредите  за горење дрва во домаќинствата може да имаат значително влијание врз загадувањето на воздухот.

Огревното дрво претставува доминантно гориво кое се користи за греење во домаќинствата. Вкупната потрошувачка на дрво во 2014 година изнесувало близу 1,3 милиони кубни метри, со просечна потрошувачка од 4,2 m3 кај домаќинствата што се греат само на дрва

  • 62% од вкупниот број домаќинства во Македонија користат дрва како примарен  извор на енергија,
  • 29% користат електрична    енергија, додека
  • 8% се потпираат на топлинската енергија од централно парно греење.

Во Источниот регион,     Југозападниот     регион  и Југоисточниот  регион на Македонија повеќе  од 80% од домаќинствата имаат некаков уред на дрва.

 

Враќање кон традицијата – можност за решавање на проблемите на сегашноста

Сосема случајно на мојот фејсбук ѕид  ми се појави видео споделено од  Дејан Спасовиќ  каде демонстрираше како работи системот за греење кој го има поставено во својата преубава куќа и колкава емисија на гасови излегува од неговиот оџак.

Дејан е уметник на животот во вистинска смисла на зборот, врвен мајстор на уд, кемане и тамбура преку кои создава вонвременска музика,

скулптор чии интерактивни кинетички скулптури се преплет на наука, уметност и практичност.

Мултимедијален уметник на многу интерактивни аудио-видео инсталации,

Столар чии уникатни парчиња мебел се парче душа и уметност преточени во практичност

и активист кој на терен работи и помага на  “ранливи” групи

Го прашав Дејан,  каква е оваа печка? Како е можно? Кај е димот?.. прашањата се редеа едно по едно…

Дејан скромно ми одговори – Ѕидана печка , некои ја нарекуваат уште и  калиева печка, керамичка печка или печка од плочки  за затоплување на внатрешните простории преку зрачење , со користење на акумулираната топлина од периодичното согорување на дрвото , која потоа ја зрачи топлината со прилично константна температура на подолг период.

Печката се предимензионира према просторијата , со вградена топла клупа на која можете да одморате и да си ја згреете душата во зиме. 

Што се однесува до ложењето се ложи еднаш, во исклучителни случаи до два пати на едно деноноќие и работи на принцип на термоакумулација (најблизок пример е термопечката која се полни еднаш и грее 5 часа).

Потрошувачката на дрва е во просек околу 50% пониска, а предноста е што температурата во куќата се одржува  дури и до 2 до 3 дена во случај ако не сте дома. 

Технологијата  на загревање на овој начин постоела во различни форми, уште во неоглијацијалниот и неолитскиот период. Археолошките ископувања и истражувања откриваат наоди уште кај  античките народи кои користејќи топол воздух од огништата во нивните подземни живеалишта ги загревале просториите каде живееле.

Овие првични форми на печки, денес вели Дејан ,  се развиени  во современи системи за затоплување.

Ѕидната печка се гради  со ѕидани ѕидови од тула, огнотпорна тула, плочки, камен, малтер или комбинација на материјали, наместо челик или леано железо.

Се гради засебно , и обично бара посебна цврста подлога  за да може да ја поднесе својата тежина. Се состои од кабина за ложење и канали за размена на топлина или делови кои обезбедуваат дополнителна површина. Тие ја апсорбираат топлината од врелиот издувен гас пред гасовите да излезат во оџакот . Огнот во овие печки  е многу потопол отколку во металните печки. Многу високото согорување значително ја намалува емисијата на гасови , вели Дејан.

Градбата на структурата на печката преку ѕидање на многу канали, прави подолго да се загрева од металната печка; но откако ќе се загрее, акумулираната топлина во тулите  ја зрачи оваа топлина во многу подолг временски период ( металната печка е жешка само кога има оган што гори во шпоретот и за кратко време потоа се лади ).

Според Дејан ваквите печки ја ослободуваат топлината и до над 48 часа по гасењето на огнот (колку е поголема термалната ѕидана  маса, толку повеќе топлина може да го задржи печката).

Практично ова значи дека сопственикот на куќата може да запали оган во вечерните часови по враќањето дома и целиот нареден ден печката да ја испушта акумулираната топлина.

Ако знаеме колкав е процентот на домаќинства кои користат дрва како гориво за греење, можеме само да замислиме за колку може да се намали загадувањето со ваквиот начин на изведба на печките.

Дејан ги изведува ѕиданите печки но помага и на сите со конкретни предлози околу изведбата на овие печки, доколку се одлучите на ваков чекор контактирајте го преку неговиот фејсбук профил тука.

Како до повеќе работа и муштерии во Вашиот сервис

(Видео) Топ 10 заповеди за возење на дожд