Enter your text here…

Малку познати факти за тестенините

Ако претпоставиме дека јадењето не е само физички чин за задоволување на чувството на глад, секој ќе се согласи дека италијанската кујна е збир на вкусови, креативност, историја и традиција

Loading…

Кликни за изненадување од Electrolux и Солопром

Настанувањето и потеклото на тестенините е многу сложено и испреплетено со различни приказни – најчесто противречни.

Познато е дека во целиот свет тестенините се претставуваат како „италијанска национална храна“ што може да се потврди во речиси сите приказни што ја потврдуваат оваа констатација. Многу позната е приказната според која тестенините биле донесени во тринаесеттиот век од Марко Поло по неговото доаѓање од Далечниот Исток. Но, оваа приказна набрзо е оспорена.

Според некои кажувања, тестенините им биле познати и на античките Грци. Приказната нè враќа во првиот милениум п.н.е. и во неа се вели дека Грците имале збор „Laganon“ со кој се означувал тенок и голем колач направен од тесто и исечен на долги тенки парчиња. Тестото било пренесено и на територијата на Италија, кога била населена од нивна страна во осмиот век п.н.е. Во латинскиот јазик истото јадење било наречено „Laganum“ или се означувало со зборот „Lasagne“, што денес го користиме за еден вид тестенини. Зборот „Laganum“ го споменуваат многу римски писатели меѓу кои и Кикерон и Хоратиј.

Првиот сликовен доказ за постоењето на тестенините датира од четвртиот век п.н.е. и е поврзан со сликите пронајдени на етрурските гробници. Со археолошките ископувања, на орнаментите во гробниците се пронајдени слики на кои се прикажани парчиња тесто во облик на ролна, слично на денешните канелони и тесто во облик на плоча, слични на денешните лазањи. Исто така, пронајден е плиток релјеф на кој биле насликани кујнски садови што се користеле за подготовка на тестенините: бокал со вода, вреќа брашно, голема штица за мешање на брашното со вода, лажица за црпење, сукало и нож.

Тестенините биле познати и во Кина и во арапскиот свет. Тестенините позната како „ришта“ се јаделе во Персија и се забележани во готвачките книги од средновековниот исламски свет. Не е познато дали на оваа арапска верзија на тестенините ѝ претходело јадењето познато од античка Грција или јадење од времето на Етрурците. Некои дури сметаат дека вистинските тестенини, онакви какви што денес ги консумираме, потекнуваат од арапска Сицилија. Постојат пишани документи од деветтиот век што ја откриваат тајната на подготовката на некој вид шпагети во Палермо, што биле нарекувани „итриа“, што на персиски значело „врвци за чевли“. Овој вид тестенини сè уште се подготвуваат во Сицилија и денес се познати под името „трии“.

Првиот целосен рецепт за подготовка на вкусните тестенини е пронајден во петнаесеттиот век, во готвачката книга на главниот готвач Мартино де Комо, а подоцна тестенините ги пронаоѓаме во записите на Бартоломео Сачи – главен библиотекар во Ватикан. Интересно е дека има приказни поврзани со тестенините што се пронајдени и во некои книжевни дела. Станува збор за книгата „Декамерон“ на Џовани Бокачо. Во оваа книга, Бокачо опишува едно далечно место во кое постои планина од рендан пармезан на која живее народ што по цел ден подготвува макарони. Оваа приказна покажува дека тестенините веќе биле познати и подготвувани во времето кога пишувал и творел овој италијански писател.

Од 1400 година тестенините веќе не биле храна што се подготвувала исклучиво во домашни услови. Таа веќе станува достапна и за сите што сакаат да ја купат. Но, дури во осумнаесеттиот век тестенините почнале интензивно да се произведуваат и да се продаваат на различни места. Во 1700 година, во Неапол постоеле 60 продавници што продавале тестенини, а во 1785-та нивниот број се зголемил на 280. Климатските услови во Неапол биле идеални за производство на тестенини, бидејќи во тоа време тестенините се подготвувале и се оставале да се сушат на улиците надвор од домовите. Жешкиот ветар што дувал од Везув и свежиот ветрец што доаѓал од морето биле идеална комбинација за совршено сушење на тестенините – за да не останат премногу суви или премногу влажни.

До крајот на деветнаесеттиот век процесот на подготовка на тестенините бил речиси целосно механизиран и почнува да се шири не само низ Италија, туку и низ целиот свет.

На Балканот тестенините ги донеле Млечаните за време на нивното владеење на овие простори. Тука тестенините биле бргу прифатени, а дури добиле и свои специфични карактеристики, па нивната важност се изедначува со важноста што ја има лебот.

Денес, тестенините претставуваат храна привлечна за луѓето припадници на различни генерации кои живеат на различни делови во светот. Многумина припадници на различни култури ја обожаваат италијанската кујна и италијанските рецепти во кои многу често како основна состојка се токму тестенините.

Кликни за изненадување од Electrolux и Солопром